ВЕСТИПОЛИТИКА

Манасиевски: Граѓаните со години се труеле, а СДСМ и Филипче криеле 400 извештаи за загадена вода

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција го обвини поранешниот министер за здравство и лидер на СДСМ, Венко Филипче, дека со години криеле информации за загадена вода, иако располагале со околу 400 испитувања кои укажувале на неисправност.

Според Манасиевски, институциите не постапиле по овие анализи, ниту пак ги известиле граѓаните да не ја пијат водата, загрозувајќи го на тој начин нивното здравје.

Неисправна вода во училишта, здравствени домови и одморалишта

Како доказ за тврдењата, од ВМРО-ДПМНЕ посочија неколку конкретни примери од 2021 година кога Филипче бил министер за здравство. Меѓу нив се неисправната чешма во здравствениот дом во Македонска Каменица, чешмата пред училиште во Гумалево, Зелениково, како и локалните водоводи во Дебарца (Требеништа) и одморалиштето Пониква во Кочани.

Во дел од овие случаи било утврдено отсуство на резидуален хлор, микробиолошка контаминација и присуство на бактеријата Ешерихија Коли.

„Денес, истиот човек кој не им кажал на граѓаните што пијат тогаш, се обидува да се претстави како заштитник на јавното здравје. Ако тогаш Филипче молчел, а имал институционална одговорност, со каков кредибилитет денес тој говори за здравјето на граѓаните?“, изјави Манасиевски.

Од партијата информираат дека за овие случаи веќе се поднесени пријави до МВР. Тие го повикаа Јавното обвинителство да го истражи овој скандал и да утврди дали со прикривањето на информациите биле загрозени животите на граѓаните, порачувајќи дека никој не смее да биде над законот.

Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неспособноста, корупцијата и лагите се на директна штета на граѓаните за што директно го обвини Мицкоски, соопштуваат од СДСМ.

„Сè повеќе на виделина излегуваат неспособноста, коруптивните практики и лагите со кои владеете. Не помага ниту „силниот“ ПР, луѓето едноставно повеќе не веруваат, маските се паднати и веќе ова вие не можете да го сокриете“, истакна Филипче.

Филипче до Мицкоски: Кој премиер е виновен што Македонија тоне во загадување, сиромаштија и корупција?

Тој посочи дека Владата нема одговор за серијата случаи со загадена вода низ државата и дека граѓаните остануваат без информации за ризиците по нивното здравје, додека никој не презима одговорност за труењето на граѓаните.

Back to top button