
Студентите во Скопје наскоро нема да мораат да чекаат во редици пред шалтерите на ЈСП и да вадат хартиени потврди од факултетите за да го користат правото на бесплатен јавен превоз. Претседателот на Градскиот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Ристески, денеска соопшти дека во завршна фаза се подготовките за воведување дигитална студентска превозна картичка, како резултат на соработката меѓу Град Скопје, раководството на ЈСП и државните универзитети.
Со новото решение, како што посочи Ристески, студентскиот статус ќе се потврдува преку автоматска синхронизација на податоците меѓу ЈСП и високообразовните институции, меѓу кои се УКИМ, Универзитетот „Мајка Тереза“ и ФИНКИ. Со овој чекор целосно се отстранува потребата студентите да доставуваат физички документи и лично да одат на шалтер за заверка на билетите, нагласи тој.
Ристески појасни дека Дигиталната картичка ќе биде достапна преку мобилната апликација SkopjeBus. Студентите ќе добијат детални упатства на својата електронска адреса, по што ќе треба да се најават со истиот мејл што го користат на универзитетот за да ја активираат картичката. При патувањето, тие едноставно ќе користат QR-код од својот паметен телефон за валидација во автобусите.
Ристески истакна дека оваа дигитализација е директен одговор на барањата на младите за поедноставување на бирократските постапки кои со години им одземале време и енергија. „Помалку време пред шалтери значи повеќе време за предавања, испити и личен напредок. ВМРО-ДПМНЕ работела и ќе продолжи да работи во интерес на младите, претворајќи ја таа определба во конкретни постапки и резултати“, порача Ристески, додавајќи дека УМС будно ќе го следи спроведувањето на оваа мерка.
