АРТВЕСТИ

Францускиот издавачки гигант „Галимар“ го објави романот „Тони“ на Румена Бужаровска

Првиот роман на македонската писателка Румена Бужаровска, насловен „Тони“, од денеска е достапен за француската читателска публика откако беше објавен од угледната париска издавачка куќа „Галимар“. Ова е трето дело на Бужаровска кое е препознаено и издадено од оваа престижна куќа, основана во 1911 година, по големиот меѓународен успех на збирките раскази „Мојот маж“ во 2022 и „Не одам никаде“ во 2025 година.

Француското радио „Франс култур“ веќе ја опиша македонската авторка како писателка која ги крши сите табуа со беспоштеден хумор. Романот бележи значаен интернационален пробив, па така годинава беше преведен и објавен и на шпански јазик од мадридската издавачка куќа „Едиторијал импедимента“. По тој повод, шпанската критика објави низа позитивни рецензии, при што критичарот Цезар Суарез истакна дека Бужаровска преку „Тони“ поставува искривено огледало за мажите и за жените. Тој го спореди нејзиниот главен лик со култните литературни фигури како Хамберт Хамберт од „Лолита“, Том Рипли и Патрик Бејтман од „Американски психопат“.

Делото е напишано на жив, остар и современ јазик во препознатливиот горчлив, но духовит стил на авторката, обработувајќи длабоки теми за машкоста, градот и традицијата. По македонското издание кое излезе во 2024 година во издание на „ТРИ“ и доживеа четири тиражи, романот експресно ги освои читателите ширум регионот со изданија во Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина во 2025 година. Најавено е дека претстојниот октомври „Тони“ ќе биде објавен и во Албанија, додека во текот на следната година се очекуваат и преводи во Португалија, САД и Грција.

 

Back to top button