АРТВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ бара оставка од претседателката на ДПМ: Сексистичките навреди не доликуваат на институција со историско значење

Комисијата за култура на СДСМ побара итна оставка од претседателката на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Гордана Јовиќ-Стојковска, поради употреба на сексистички и навредлив речник во нејзин јавен настап. Според партијата, таа навредувала европски личности и жени нарекувајќи ги „кокошки“ и порачувајќи им „м’рш во кујна“.

​Од СДСМ реагираат дека ова не е прашање на политичка симпатија или антипатија, туку на елементарно достоинство, почит и одговорност на личност која ја претставува македонската книжевност. Особено загрижувачки, додаваат од партијата, е фактот што истата личност јавно се повикува на борба за рамноправност и човекови права, а истовремено користи речник кој директно го понижува женскиот род. „Книжевноста и културата треба да бидат простор на слободата и достоинството, а не простор во кој жените ќе се сведуваат на ‘кокошки’ и ќе им се кажува каде им е местото“, се наведува во соопштението.

​Опозицијата потенцира дека одговорноста за јавниот збор е огромна кога доаѓа од првиот човек на најстарото здружение на писатели во државата. ДПМ претставува институција чија мисија ги гради темелите на македонската државност, а не „приватна говорница за сексистички навреди“, предупредуваат од Комисијата за култура.

​Поради тоа, СДСМ ја повика Јовиќ-Стојковска да понесе морална и професионална одговорност и да се повлече од лидерската позиција. Истовремено, тие ги охрабрија членовите на ДПМ да иницираат свикување на вонредно собрание, а Судот на честа при здружението да покрене постапка за прекршување на одредбите од Етичкиот кодекс. „Слободата на говор не е слобода од одговорност за изговорениот збор“, заклучуваат од СДСМ.

Back to top button