ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски: Состојбата со енергенсите во Европа е жестоко алармантна, но ЕСМ нема да бара поскапување на струјата

Премиерот уверува дека државната енергетска компанија ќе понуди иста цена на тендерот на „ЕВН Хоме“, додека за парното греење ќе се бара решение за минимално и издржливо зголемување и покрај драстичниот скок на цената на гасот.

Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени моменталната енергетска состојба во Европа како „жестоко алармантна“, но најави дека Владата преку АД ЕСМ ќе ги заштити граѓаните од ценовни шокови и нема да бара зголемување на цената на електричната енергија. Одговарајќи на новинарски прашања, тој предупреди дека глобалната криза континуирано се влошува уште од средината на август, а цените на европските берзи рушат рекорди.

„Кога зборувам жестоко алармантна, мислам на изгасени нуклеарни централи, низок водостој, ниски нивоа на гас во складиштата. Цените на берзите се навистина историски највисоки, по 400–500, па и повеќе евра за мегават-саат. Истото важи и за гасот, кој повторно се искачи над 90 евра“, појасни Мицкоски.

И покрај ваквите глобални удари, премиерот потврди дека државните енергетски капацитети ќе го амортизираат притисокот. „АД ЕСМ на јавниот повик на ‘ЕВН Хоме’ ќе достави понуда којашто ќе биде со иста цена како минатата. Значи, нема да бара поскапување на цената. Што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула. Направивме еден бизнис-план со којшто нема да бараме покачување на цената на струјата, а на крајот од 2027 година ќе целиме на профит којшто би го остварила оваа компанија“, најави Мицкоски, оградувајќи се притоа од деловната политика на приватните енергетски субјекти врз кои Владата не може да интервенира.

Што се однесува до парното греење (топлификација), ситуацијата е посложена бидејќи цената на гасот е трипати повисока во споредба со истиот период лани, поради што се бара големо поскапување. Сепак, премиерот уверува дека Владата ќе се бори зголемувањето да не биде алармантно и да се задржи во минимални, издржливи рамки.

„Со тоа ќе бидеме земја со убедливо најниски цени на дизел и безоловниот бензин, електричната енергија и затоплувањето во Европа. Наш приоритет е заштита на стандардот, но ситуацијата е жестока и не знам до кога ова ќе може да се издржи. До овој момент ние, со нашите механизми и креативни решенија, успеваме да се спротивставиме на овој удар“, заклучи премиерот Мицкоски.

Поврзани вести

Back to top button