
Ешалонот од национални воени претставници при Врховниот штаб на Сојузничките сили во Европа од 20 до 23 септември престојува во историска, прва посета на нашата држава и на Армијата. Високите воени претставници денеска во скопската касарна „Илинден“ беа пречекани од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, придружуван од заменик-началникот генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на Командата за опeрации, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Поздравувајќи ги гостите, генерал-мајор Лафчиски ја нагласи важноста од сојузничката соработка, потенцирајќи дека таа е изградена врз доверба и заеднички вредности во рамките на НАТО како најмоќен одбранбен сојуз во историјата. Тој истакна дека Армијата има важна улога во придонесот кон мобилноста, брзината, иницијативата, отпорноста и стратешката длабочина на Алијансата. Преку своите континуирани способности и активното учество во мисиите и операциите на НАТО, како што посочи началникот на Генералштабот, нашата држава е препознаена како кредибилна, ценета и почитувана членка на сојузот.
Во име на делегацијата, деканот на ешалонот на националните воени претставници, генерал-мајор Стефан Мершеноар од Франција, изрази искрена благодарност за гостопримството, високото ниво на организација и содржинските презентации со кои беше претставена македонската Армија. Тој заклучи дека ваквите посети претставуваат значаен придонес кон продлабочувањето на меѓусебната доверба, зајакнувањето на сојузничката кохезија и континуираното унапредување на воената соработка во рамките на Алијансата.
