ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ до Мицкоски: Концертите не се бесплатни, ги плати Државна лотарија со народни пари

Опозициската СДСМ реагираше на тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека настапите на светските музички ѕвезди по повод 35-годишнината од независноста биле бесплатни. Од партијата обвинуваат дека прославата била индиректно финансирана со пари на граѓаните, преку државната компанија Државна лотарија.

Реакцијата на социјалдемократите доаѓа откако премиерот Мицкоски претходно денеска изјави дека сите концерти низ државата, вклучително и настапите на Дејвид Гета и Хосе Карерас, го чинеле државниот буџет нула денари. Според премиерот, овие манифестации биле целосно организирани со поддршка на општествено одговорни компании, отфрлајќи ги наводите за трошење државни пари како лажни информации и клевети.

Мицкоски: За концертите на светските ѕвезди потрошени се нула денари од буџетот

Сепак, од СДСМ сметаат дека ваквото објаснување е манипулативно.

„Државната лотарија е државна. Парите на Државната лотарија се народни пари. Кога државна компанија плаќа од дивидендата за концерти и прослави на Владата – тоа се пари на граѓаните“, се наведува во соопштението на опозициската партија.

Според нив, не постојат „нула денари“ трошок, туку станува збор за класично префрлање на парите од еден џеб на државата во друг.

Од партијата упатија и жестоки критики за економската состојба и приоритетите на Владата. Тие посочуваат дека додека државната каса се соочува со проблеми и се најавуваат нови задолжувања, власта троши средства на спектакли. „Додека се задолжуваат милијарди, додека нема пари за плати, пензии и земјоделци – има пари за спектакли што се претставуваат како бесплатни. Граѓаните гледаат каде одат парите и знаат дека ‘нула денари’ е само уште една лага“, порачаа од СДСМ, нагласувајќи дека јавноста не може да поверува во ваквите тврдења на премиерот.

Поврзани вести

Back to top button