
Извештајот на Светска банка ги урна митовите на премиерот Христијан Мицкоски за брз економски раст и покажа дека земјата со години стои во истата категорија, со бруто-домашен производ по жител кој изнесува само една третина од просекот на Европската Унија, реагираат од СДСМ.
Во соопштението се посочува дека новите работни места што се отвораат се со ниска продуктивност и плата, додека дијаспората веќе брои над половина милион граѓани. Од СДСМ потенцираат дека премиерот ја втурнува државата во финансиска бездна – веќе е признат буџетски дефицит од една милијарда евра, потпишани се 1,3 милијарди евра нови задолжувања, а за само две години граѓаните се задолжени за нови четири милијарди евра, што е повеќе од половина од вкупниот долг од осамостојувањето.
Според партијата, Мицкоски свесно ја турка државата во изолација и предизвикува конфликти со Бугарија пред воопшто да седне на маса, со единствена цел да го избегне европското обвинителство предводено од Лаура Ковеши. „Арамијата разговара, не преговара. Изолацијата му одговара, таа му носи слобода и луксуз“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ додаваат дека лажните наративи за загрозен идентитет паднале во вода откако претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, јасно потврдила дека македонскиот јазик и култура се заштитени, што според нив е директна заслуга на претходната влада. Наместо да бара алиби за нови избори преку дефокусирање на јавноста, од партијата порачуваат дека е време премиерот да им положи сметка на граѓаните за нивните пари.
