ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ ја нарече „екскурзија“ посетата на Мицкоски на САД: Средбата со Рубио била во ходник, а грантот за антимон е еколошка закана

Опозициската СДСМ упати остри критики за посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Соединетите Американски Држави, карактеризирајќи ја како „екскурзија“ на која на државен трошок отпатувала делегација од околу 50 лица. Партиската реакција доаѓа откако премиерот Мицкоски претходно објави дека во Њујорк остварил значајна средба со американскиот државен секретар Марко Рубио, која ја оцени како директна комуникација на високо политичко ниво и потврда за стратешкото партнерство меѓу двете земји.

Мицкоски се сретна со американскиот државен секретар Рубио во Њујорк: Потврда за стратешкото партнерство

​Од СДСМ реагираат дека средбата со Рубио не била на високо политичко ниво, туку претставувала „неформален муабет во ходник“.

​„Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови“, се наведува во реакцијата на опозицијата, од каде обвинуваат за отсуство на политички бонтон, основна култура и непочитување кон соговорникот. Според СДСМ, за оваа средба нема ниту агенда, ниту заедничко соопштение од Стејт Департментот.

​Опозицијата силно го критикуваше и најавениот грант од пет милиони долари за развој на ископ на антимон кај Крстов Дол, Крива Паланка. Според партијата, антимонот е метал за воената индустрија кој остава сериозни еколошки последици, а најавената сума е недоволна дури ни за основна заштита на животната средина и подземните води. СДСМ предупредува дека профитот ќе замине кај странски компании, додека во државата ќе остане само јаловината.

​Паралелно, партијата направи споредба меѓу американскиот грант и неодамнешните државни трошоци, истакнувајќи дека само за еден концерт биле потрошени повеќе пари отколку што изнесува, како што велат, оваа „стратешка инвестиција“. „Македонија не станува посериозна затоа што премиерот здогледал државен секретар. Се мери со тоа што останува во земјата откако ќе си заминат“, заклучуваат од СДСМ.

Back to top button