
Комисијата за култура на СДСМ обвинува за сериозна негрижа кон Куршумли ан, едно од најзначајните културно-историски добра во Скопје, посочувајќи дека објектот е оставен да пропаѓа. Од партијата потсетуваат дека со меѓувладин договор, овој споменик на културата ѝ е даден на Република Турција на користење за потребите на Турскиот културен центар „Јунус Емре“, при што договорот строго предвидува обврски поврзани со негова реставрација и заштита.
Опозицијата прашува кој го контролира спроведувањето на договорот и кој се грижи за македонското културно наследство. Тие апелираат до Министерството за култура и туризам да не биде нем набљудувач додека културно добро од прв ред ја губи својата состојба и достоинство и веднаш да изврши стручен и правен надзор.
Доколку надзорот утврди дека преземените договорни обврски не се исполнуваат, од СДСМ бараат итно активирање на механизмите за прекин на правото на користење. Нивното барање е Куршумли ан веднаш да биде вратен под непосредна грижа и управување на соодветна македонска јавна институција, потенцирајќи дека културното наследство не смее да биде предмет за политички договори без одговорност

