
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за лицемерие и драстична промена на ставовите во врска со отворањето на рудници во државата. Од опозициската партија посочуваат дека Мицкоски применува двојни стандарди – додека во 2023 година како опозиционер жестоко се противеше на рудникот Иловица бранејќи го здравјето на граѓаните, денес како премиер енергично го брани ископот на антимон нарекувајќи го стратешки државен интерес.
„Кај Иловица аргументот беше заштита на граѓаните и на водата. Кај антимонот аргументот е касата и ‘државен интерес’. Прашањето е просто: ако во 2023 здравјето на луѓето вредеше против рудник, зошто истиот принцип не важи за антимонот денес?“, прашуваат од СДСМ. Партијата предупредува на сериозни здравствени ризици, повикувајќи се на податоци од ЦДЦ и ИАРЦ кои алармираат дека прашината од антимон ги напаѓа белите дробови и срцето и е класифицирана како потенцијално канцерогена. Дополнително, тие изразуваат сомнеж во капацитетот на институциите да гарантираат безбеден ископ, потсетувајќи на неодамнешните еколошки инциденти и нерасчистеното загадување на реките Лепенец и Вардар.
СДСМ го обвини Мицкоски дека исто како што го променил ставот за Преспанскиот договор, сега го менува и ставот за рудниците. Од партијата потсетуваат дека концесиите за Иловица биле дадени токму од влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 и 2013 година, а сега, иако Мицкоски во опозиција глумел заштитник на народот, новата власт го впишува рудникот во Просторниот план до 2040 година. На крајот, од СДСМ побараа премиерот да не носи одлуки само пред камери, туку да го праша народот преку организирање на локален референдум во Крива Паланка.
