
СДСМ реагира на најавите на премиерот Христијан Мицкоски за достигнување на просечна плата од 1.000 евра, посочувајќи дека владејачкото мнозинство претходно во Собранието не го поддржа предлогот за минимална плата од 600 евра.
Од партијата потсетуваат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за предлог-законот што го поднесе СДСМ за зголемување на минималецот. Во соопштението се додава дека за време на гласањето, пратениците на Левица не биле во салата, додека претставниците на ЗНАМ не дале поддршка за законското решение.
Според СДСМ, две минимални плати не можат да ја покријат ниту намалената владина верзија на потрошувачката кошница. Од партијата посочуваат дека со вкалкулирана кирија, синдикалната кошница надминува 90.000 денари, додека граѓаните секојдневно се соочуваат со високи цени за основните продукти и горивата.
Од опозицијата нагласуваат дека растот на просечната плата не се постигнува со најави, туку преку конкретни чекори како реално покачување на минималната плата и мерки за намалување на трошоците за живот, какви што, според нив, тие веќе предложиле на почетокот на кризата.
