ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го одбија предлогот за државна награда „Блаже Конески“ [ВИДЕО]

Пратениците од владејачкото мнозинство го отфрлија предлог-законот на СДСМ за воспоставување нова државна награда „Блаже Конески“, информираше на денешната прес-конференција претседателот на Комисијата за култура на партијата, Мирче Најдоски.

Според предлогот на опозицијата, наградата требаше да претставува највисоко институционално признание за значајни научни и стручни остварувања во областа на македонскиот јазик и македонистиката. Планот предвидуваше признанието да се доделува секоја година на 19 декември – денот на раѓањето на великанот, прв претседател на МАНУ и главен кодификатор на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески.

Најдоски упати остри критики кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги за лажен патриотизам.

„Истите оние што го нарекуваа џуџето од Небрегово гласаа против Конески и против највисоко институционално признание за македонистиката“, реагираат од СДСМ.

Од опозициската партија дополнително обвинуваат дека власта не се грижи за македонското наследство, посочувајќи дека веќе две години не се спроведува Законот за употреба на македонскиот јазик. Воедно, Најдоски потсети и на неодамнешниот настан во Крушево, критикувајќи дека владејачката партија дозволила „да се валка културното наследство во Македониумот за 500 евра“.

 

Back to top button