АРТВЕСТИ

Српскиот писател Драган Великиќ ја прими наградата „Прозарт“ на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“

Со мислата дека „не го избираме ниту јазикот, ниту нацијата во која се раѓаме… но го избираме својот пат, го избираме начинот на кој ќе поминеме под ѕвездите“, еден од најзначајните современи српски писатели Драган Великиќ синоќа се заблагодари за наградата „Прозарт“. Престижното признание му беше врачено во Музејот на град Скопје, на затворањето на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Говорејќи за книжевното искуство, Великиќ истакна дека писателот всушност го декодира светот околу себе, создавајќи сопствена верзија на реалноста која може да биде интересна за читателите во времињата што доаѓаат. Притоа, тој упати благодарност до македонските преведувачи на неговите дела – Димитар Башевски, Јелена Лужина и Ристо Лазаров. Наградата му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, кој потенцираше дека авторот се храни од книгите, но и од сопствениот живот, и дека токму тоа богато искуство е длабоко вткаено во неговата литература.

Завршната вечер традиционално помина во читање прозни дела, каде покрај лауреатот Великиќ, извадоци од своето творештво пред публиката читаа и Мајк Дауни, Габриела Бабник Уатара, Блаже Миневски, Дијана Чули, Христина Радовиќ Андриќ и Николај Терзијски. Фестивалот официјално го затвори основачот Дејан Трајкоски, кој правејќи паралела меѓу храната и пишувањето, порача дека суштината на добрата литература доаѓа по видливите слоеви и е „сурова, гола, пријатна, убава и неубава“.

Во рамките на дополнителната програма на „ПРО-ЗА Балкан“, најавени се проекција на филмот „Устав на Република Хрватска“ во Кинотеката, инклузивна промоција на сликовниците од Денис Јанкуловски во Тетово, книжевно-музички перформанс „Портрети“ со Александар Прокопиев и Бобан Здравковски Андреевски, како и концертна промоција на поетската збирка на Пијан Славеј. Организаторот „Прозарт медиа“ информираше дека успешно завршила и 13-тата програма „Скопје фелоушип“ со учество на издавачи од Грција, Бугарија и Албанија.

Back to top button