
Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната прес-конференција ја обвини владата предводена од Христијан Мицкоски дека подготвува нов ценовен удар врз семејните буџети преку повисоки сметки за струја и парно од Нова година.
Според Тренчевска, МЕПСО веќе бара зголемување на тарифата за пренос на струја од јануари 2027 година, а се најавува и ново, трето по ред поскапување на парното греење оваа година. Од опозициската партија посочуваат дека трошоците за живот од јануари досега се зголемени за 4.000 денари, при што вкупната потрошувачка кошничка во октомври надминува 70.000 денари, додека заедно со трошоците за кирија таа достигнува над 90.000 денари. Од СДСМ реагираат дека ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните трошоци за живот.
Во партиското обраќање се наведува дека македонските работници имаат најниски плати во Европа, истакнувајќи го податокот дека од вкупно 540.000 вработени во државата, дури околу 180.000 работници земаат месечни примања помали од 31.200 денари. Тренчевска нагласи дека 33 отсто од работниците земаат плата под прагот на сиромаштијата, додека минималната плата останува на 26.000 денари, обвинувајќи го премиерот Мицкоски дека ги одбил нивните предлози за нејзино зголемување на 600 евра.
Од СДСМ обвинуваат дека наместо зголемување на платите, власта планира увоз на евтина работна сила, при што Тренчевска посочи дека додека министерот Николовски најавува 50.000 странски економски работници, Мицкоски таа бројка ја зголемува на над 100.000. Од партијата заклучуваат дека и во новиот ребаланс на буџетот нема предвидено мерки за помош на граѓаните и земјоделците, туку само се генерираат нови долгови и високи камати кои ќе паднат на товар на идните генерации.



