Се гради масивен камен ѕид на охридското крајбрежје, алармираат граѓани

Охриѓани алармираат дека крајбрежјето на Охридското Езеро кај поранешната „Ајван плажа“ се заградува со масивен камен ѕид кој го пресекува природниот пристап до водата, пренесува Трн. Според фотографиите и реакциите објавени во фејсбук-групата „Пишувајте за Охрид“, новоизградениот потпорен ѕид го одвојува копнениот дел од езерото, при што природниот песок е речиси целосно елиминиран, а просторот добива бетонско-камена физиономија.
Локалното население отворено прашува кој дозволил вакво обликување на крајбрежјето и дали за овие активности постојат соодветни одобренија, стравувајќи дека просторот се подготвува за комерцијална експлоатација и поставување лежалки. Граѓаните реагираат дека додека институциите формално се обврзуваат на заштита на екосистемот и отстранување на дивоградбите, на терен никнуваат нови ѕидови спротивно на строгите препораки на УНЕСКО, додека Општина Охрид засега нема излезено со официјално објаснување.
Ваквите градежни зафати на крајбрежјето се случуваат откако во јули Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, со што Владата доби дополнителни пет години за спроведување на забелешките за заштита на регионот.




