АРТВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Синдикатот на културата го обвини Уставниот суд за двојни стандарди околу платите во јавниот сектор

Синдикатот на работниците од културата упати остри критики до Уставниот суд, обвинувајќи го за примена на двојни аршини при толкувањето на правната основа за пресметка и исплата на платите во јавниот сектор. Реакцијата доаѓа откако Судот зазеде став дека колективниот договор не е доволен за регулирање на платите во културата и дека начинот на утврдување на коефициентите мора да има јасна и недвосмислена законска основа.

​Синдикатот јавно прашува дали истиот правен стандард важи и за вработените во стручната служба на самиот Уставен суд, кои исто така имаат статус на вработени во јавниот сектор. Од таму посочуваат дека Судот, во рамките на својата самостојност, со сопствен интерен Акт ги уредува организацијата, работните места и прашањата поврзани со платите на своите вработени.

​„Не може истиот правен принцип еднаш да биде апсолутен кога се однесува на едни вработени во јавниот сектор, а другпат да биде флексибилен кога се однесува на вработените во институцијата која тој принцип го толкува“, се наведува во реакцијата. Од Синдикатот иронично прашуваат дали треба „Колективниот договор за култура“ да се преименува во „Правилник“ за да биде признаен, инсистирајќи да се даде прецизен одговор зошто еден акт е доволен правен основ за едни вработени, а Уставот и колективниот договор не се доволни за други.

​Синдикалците им порачаа на уставните судии дека пред да поставуваат стандарди за другите, треба тој стандард прво да го проверат во сопствениот двор. Тие децидно бараат правилата што се наметнуваат за јавниот сектор да важат подеднакво за сите, вклучително и за Службата на Уставниот суд.

Back to top button