ВЕСТИПОЛИТИКА

ВЛЕН: Груби е пред правдата, а Османи прави сметки за преземање на ДУИ

Владејачката коалиција ВЛЕН упати критики кон поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, обвинувајќи го дека неговите јавни настапи се всушност стратегија за преземање на лидерската позиција во Демократската унија за интеграција (ДУИ), додека неговиот сопартиец Артан Груби се соочува со правдата.

Според соопштението од ВЛЕН, Османи со месеци молчел за Груби, иако двајцата долго време беа заедно на врвот на партијата, а денес, како што велат, се однесува како никогаш да немале заедничка политичка историја. Од коалицијата посочуваат дека наместо мандатот да го користи во интерес на државата, Османи го користи за внатрепартиски пресметки.

„Денес сценариото станува сè појасно: Груби пред судот, Али Ахмети под притисок, а Бујар ја чека фотелјата на претседателот на ДУИ. Прашањето е едноставно: зошто Бујар молчеше за Груби кога беа заедно на врвот на ДУИ? Што знае тој за оваа приказна и зошто денес се однесува како Груби никогаш да не постоел?“, прашуваат јавно од ВЛЕН.

Од владејачката коалиција додаваат дека во политиката не е важно само кој зборува, туку и зошто досега молчел. На крајот од партиската реакција тие порачуваат дека доколку мотивите на Османи навистина биле за правда, тој требало тоа отворено да го каже, а не да прави сметки за власт.

„Груби нека одговара пред правдата. Бујар нека им одговори на граѓаните“, се заклучува во соопштението на ВЛЕН.

Back to top button