Корисниците на четботот „Claude“ на компанијата „Anthropic“ викендов беа изненадени кога дознаа дека некои од нивните разговори може да се најдат на пребарувачите како Google и Bing. Ова откритие покренува сериозни прашања за тоа колку контрола навистина имаат луѓето над она што го споделуваат онлајн, објавува „Гардијан“ (The Guardian).
„Anthropic“ им овозможува на корисниците да креираат јавни линкови до нивните чатови, што му дава можност на секој што го има линкот да го види разговорот – слично на опциите за споделување во „Google Docs“. Но, корисниците можеби не сфатиле дека со тоа нивните разговори, без разлика колку се чувствителни или лични, можат да се појават во јавните резултати од пребарувањето.
Проблемот стана актуелен во неделата, откако корисници на Reddit открија дека со внесување на операторот „site:claude.ai/share“ во Google или Bing се појавуваат логови од разговори кои вклучуваат лични податоци.
Засегнати се и документите на Google Drive
Новинарите на „Гардијан“ користеле слично пребарување за да побараат Google документи за кои корисниците креирале јавни линкови и пронашле долга листа на датотеки со чувствителни информации.
Меѓу нив биле пронајдени училишни тестови, резултати од детектори за радијација, па дури и договори за доверливост од градски здравствени оддели. Некои од овие документи датираат уште од 2003 година. Портпаролот на Google, Рос Ричендрфер, изјави дека овие документи станале видливи бидејќи линковите биле објавени некаде на интернет или на социјалните мрежи.
„Кревка приватност“ и како да се заштитите
Џејкоб Хофман-Ендрјус, виш технолог во Фондацијата за електронски граници (EFF), предупредува дека ниту Google ниту Anthropic не ги предупредуваат јасно корисниците за овие импликации.
„Приватноста што ја нуди споделувањето од типот ’секој со линкот’ (anyone with a link) е кревка. Ако споделите нешто со пријател, а тој го сподели со друг и го објави на социјалните мрежи, тоа одеднаш станува видливо и читливо за секој на интернетот“, вели тој, препорачувајќи алтернативи како копирање на текстот или правење скриншот.
За среќа, корисниците можат да ги отстранат претходно споделените чатови и документи:
За Claude: Одете во Settings (Поставки) -> Privacy (Приватност) -> побарајте го делот „Your data“ и кликнете на „Manage“ за јавните чатови. Од таму можете да ги избришете јавните нишки.
За Google Drive: Мора да го отворите секој поединечен документ што сте го направиле јавен. Кликнете на копчето „Share“ (Сподели) и променете ги поставките за пристап од „Anyone with the link“ (Секој со линкот) во „Restricted“ (Ограничено) или наведете конкретни луѓе.
Редакција Брц





