
Ферари на домашното Гран-при во Монца ќе настапи со специјален изглед на болидите посветен на Михаел Шумахер, по повод 30 години од почетокот на една од најуспешните соработки во историјата на Формула 1.
Германецот му се приклучи на Ферари во 1996 година, а токму таа прва сезона во црвено е инспирација за специјалниот дизајн што викендов ќе го користат Шарл Леклер и Луис Хамилтон. Ферари ја опишува целата кампања како почит кон влијанието на Шумахер врз автомобилскиот спорт и кон неговиот препознатлив натпреварувачки менталитет.
Одбележувањето не завршува само со болидот. Леклер и Хамилтон ќе носат специјални тркачки комбинезони со логото на Шумахер и седум ѕвезди, по една за секоја од неговите седум светски титули. Во специјалната колекција Ферари ги враќа и златниот ловоров венец и други детали инспирирани од опремата од 1996 година.
A livery fit for home 🏡 Our Monza livery is here, inspired by the lasting impact of Michael Schumacher on our team ❤️ pic.twitter.com/MWGlJi4miv
— Scuderia Ferrari HP (@ScuderiaFerrari) September 1, 2026
Монца има посебно место во приказната
Врската меѓу Шумахер, Ферари и Монца е една од најсилните во модерната историја на Формула 1.
Германецот победи петпати на италијанската патека како возач на Ферари – во 1996, 1998, 2000, 2003 и 2006 година. Неговата прва победа во Монца со Ферари дојде уште во дебитантската сезона со тимот.
Десет години подоцна, по победата на Италијанското гран-при во 2006 година, Шумахер го најави своето прво повлекување од Формула 1.
Ерата што го врати Ферари на врвот
Шумахер со Ферари освои пет последователни светски шампионски титули од 2000 до 2004 година. Вкупно освои седум титули во кариерата и остана централна фигура на периодот во кој тимот од Маранело повторно стана доминантна сила во Формула 1.
Затоа Ферари јубилејот го нарекува „30 Years in Red“ – три децении од моментот кога започна партнерството што подоцна ќе стане една од најпрепознатливите приказни во спортот.
Годинашното Италијанско гран-при се вози во недела, 6 септември, на легендарната Монца. Првите тренинзи се во петок, а квалификациите во сабота.
За Ферари домашната трка традиционално има посебно значење, но годинава црвените болиди ќе носат уште еден товар на историјата – потсетување на возачот кој пред 30 години го започна периодот што ќе ја претвори современата ера на Ферари во легенда.
Д. Д.
