ВЕСТИПОЛИТИКА

Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 25 години СОС Детско село

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, се обрати на одбележувањето на 25-годишнината од постоењето и работата на СОС Детско село во Македонија, во Македонскиот народен театар во Скопје, информираат од кабинетот на Претседателката.

Во обраќањето, таа ги потсети возрасните на обврската да се грижат за децата и да бидат со нив и до нив, не оставајќи ги сами кога им е тешко и кога се среќни.

„Домот е мала оаза на мир, емоционално прибежиште, првата заедница во која ја учиме најважната животна лекција: дека неслучајно сме тука и дека секое дете има своја мисија во животот. За многу, многу деца и млади, токму ваков дом беше, е и ќе биде СОС Детско село“, истакна Сиљановска-Давкова.

Навраќајќи се на 25-годишната работа на организацијата, таа ги детектираше видливите успеси во превенцијата, зајакнувањето на семејствата и заштитата на децата, како и улогата на згрижувачите, како најблиски до децата.

Охрабрувајќи ги да ја продолжат благородната мисија, Сиљановска-Давкова укажа дека децата никогаш нема да ги заборават добриот збор, подадената рака и утеха на добрите луѓе.

„Дозволете ми, да ви го честитам јубилејот, да ви ги честитам 25-те години СОС Детско село, прекрасно село, убедена дека вложувањето во децата е вложување во нивната, ама и во нашата иднина“, порача претседателката.

Јубилејната програма преку видео-проекции, сценски и музички изведби, лични приказни и доделување признанија ја претстави 25-годишната мисија на организацијата, нејзините резултати и значењето на згрижувачите, младите, институциите, компаниите, здруженијата и партнерите во создавањето широка мрежа на поддршка за децата и семејствата.

СОС Детско село е дел од меѓународната мрежа на СОС Детски села, посветена на заштитата и унапредувањето на правата на децата, поддршката на децата и младите без родителска грижа и на оние кои се во ризик да ја загубат грижата од своите родители.

Back to top button