АРТВЕСТИ

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ во трка за главната награда, серијата „Мала Југославија“ со награда за развој во Сараево

„Сестри и брат Митевски“ во фокусот на Сараевскиот филмски фестивал

Два проекти во продукција на „Сестри и брат Митевски“ се во главниот фокус на годинашното издание на Сараевскиот филмски фестивал. Како што соопштуваат од продукцијата, филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума се натпреварува за престижното „Срцето на Сараево“ за најдобар игран филм, додека серијата „Мала Југославија“ на Теона Стругар Митевска и Соња Просенц ја освои наградата за развој „Female Voices CineLink Award“ во вредност од 20.000 евра.

Вториот долгометражен филм на Дина Дума ја имаше својата европска премиера во официјалната натпреварувачка програма на 32. издание на фестивалот. Од тимот посочуваат дека филмот, кој е продуциран од Лабина Митевска и реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на РС Македонија, е еден од деветте наслови во трка за главната награда. Приказната ја следи единаесетгодишната Адела, која се обидува да ја заштити својата постара сестра Зара од притисоците на традицијата и средината. Филмот беше прикажан и во програмата за млади.

Овој проект има своја историја со сараевскиот фестивал. Во 2022 година, како проект во развој на „CineLink Co-Production Market“, освои две награди во вкупна вредност од 20.000 евра. Четири години подоцна, тој се враќа како завршен филм и бележи одличен прием кај публиката. Според досегашните информации, филмот води во рангирањето според гласовите на публиката, а конечните резултати за наградите се очекуваат вечерва.

Паралелно со овој успех, серијата во жанрот хорор-комедија, „Мала Југославија“ (Little Yugoslavia), ја освои развојната награда од 20.000 евра во рамките на „CineLink Drama“, фестивалска програма наменета за развој на телевизиски серии.

Back to top button