
Од заталкани куршуми во Скопје и грабеж во Центар, до смртна сообраќајка, насилство и нелегално точење алкохол на малолетници, дневниот билтен на МВР содржи повеќе случаи што се издвојуваат од вообичаената полициска хроника.
Еден од најнеобичните случаи е регистриран во Драчево, каде 57-годишна жена била донесена во поликлиника со повреда на рамото. Според пријавеното, таа околу 20:40 часот била во дворот од семејниот дом кога почувствувала удар, а лекарскиот преглед покажал дека станува збор за повреда од заталкано зрно од огнено оружје. Полицијата работи на расчистување на случајот. Неколку часа претходно, во Ѓорче Петров била пронајдена уште една заталкана куршумина пред семеен дом.
Во Центар, 35-годишен скопјанец пријавил дека непознат маж, со закана со остар предмет, му одзел пари. Истовремено, полицијата интервенирала и во две физички пресметки во централното градско подрачје, при што во еден од случаите две млади жени, според МВР, се однесувале агресивно и кон полициски службеници, а кај едната бил пронајден остар предмет.
Особено тежок бил денот на патиштата. На локалниот пат Штука–Турново, 65-годишен возач на мопед починал по судир со автомобил. Тешко повредени се и 80-годишен тракторист во судир на патот Струмица–Радовиш, мотоциклист кај Тетово и мопедист во Битола.
Во Охрид, пак, кривична пријава е поднесена против 31-годишник и правен субјект од Пештани, откако при контрола на плажа било утврдено дека на четири малолетници им било овозможено да купат и консумираат алкохол без проверка на возраста.
Билтенот бележи и повеќе случаи на семејно насилство, како и шест приведени возачи поради „безобѕирно управување возило“, меѓу нив лица кои возеле без дозвола, со забрана или под дејство на алкохол.
