ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски во Њујорк на средба со американскиот заменик-државен секретар Ландау: Градиме партнерство со дела и достоинство

Премиерот Христијан Мицкоски, во рамките на посетата на Њујорк, оствари официјална средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Кристофер Ландау. На средбата, на која присуствуваа и високите претставници на Стејт департментот задолжени за Европа – Брендан Харнахан и Даниел Лотон, се разговарало за стратешкото партнерство меѓу двете земји и за продлабочувањето на политичкиот и економскиот дијалог.

​Според премиерот, директната комуникација на високо политичко ниво со американската администрација е од исклучително значење во време на сериозни геополитички предизвици. Во фокусот на разговорите биле можностите за унапредување на соработката во економијата и инвестициите, безбедноста и стабилноста на регионот, како и улогата на Македонија како доверлив сојузник во НАТО кој придонесува за регионалниот мир.

​Мицкоски потенцираше дека државата денес настапува со јасно дефинирани интереси кои пред партнерите ги застапува достоинствено и аргументирано. „Пријателствата не се градат со зборови, туку со доверба. Партнерствата не се мерат со протокол, туку со дела. А почитта кон една држава се гради со јасни позиции, достоинство и кредибилитет“, порача премиерот, додавајќи дека ваквите средби се клучни за македонските интереси да бидат слушнати таму каде што се носат важни глобални одлуки.

Back to top button