ВЕСТИДИГИТАЛСВЕТ

САД ќе блокираат ризична странска опрема во електромрежата, Трамп прогласи вонредна состојба

Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи национална вонредна состојба поради заканите што странска електроенергетска опрема може да ги претставува за електромрежата на САД, отворајќи можност за забрана на набавка, увоз и инсталирање опрема, софтвер и дигитални системи за кои ќе биде утврдено дека претставуваат ризик за националната безбедност. Извршната наредба е потпишана на 26 август, соопшти Белата куќа.

Вашингтон оценува дека зависноста од одредена електроенергетска опрема произведена во странство претставува „невообичаена и вонредна закана“ за националната безбедност, надворешната политика и американската економија. Во наредбата се наведува дека странски субјекти можат да ја искористат ранливоста во опремата, вклучително и можност за постоење дигитални „задни врати“ преку кои системите би можеле далечински да бидат контролирани или нарушени.

Мерката не значи автоматска забрана на целата странска опрема. Американскиот секретар за енергетика добива овластување, во координација со други безбедносни и владини институции, да блокира конкретни трансакции доколку се утврди дека опремата е поврзана со опфатен странски субјект и дека создава прекумерен ризик од саботажа, неовластен пристап, далечинска злонамерна интервенција или прекин на снабдувањето.

Под мерките може да потпаднат трансформатори, големи генератори, инвертори приклучени на електромрежата, системи за складирање електрична енергија во батерии, опрема за трафостаници, индустриски контролни системи, заштитни релеи, високонапонски прекинувачи, како и поврзаниот софтвер, фирмвер и системи за далечински пристап.

Наредбата се однесува на американскиот преносен електроенергетски систем, вклучително и на далноводи со напон од најмалку 69 киловолти. Локалната дистрибутивна мрежа не е директно опфатена со новата мерка.

Може да се отстранува и веќе инсталирана опрема

Надлежните институции ќе можат да реагираат и на странска опрема која веќе се користи во американскиот електроенергетски систем. Доколку биде проценета како безбедносен ризик, може да биде наложено нејзино дополнително обезбедување, изолирање, надзор, исклучување или замена.

Пред евентуално отстранување, американските власти треба да ги земат предвид стабилноста на мрежата, достапноста на безбедна замена и континуитетот на снабдувањето со електрична енергија.

Секретарот за енергетика има рок од 120 дена да подготви правила потребни за спроведување на новите овластувања. Предвидена е и можност за создавање листа на претходно одобрени производители и опрема.

Во следните 180 дена треба да бидат подготвени и предлози за промена на правилата за федерални набавки, со поголем приоритет за енергетска инфраструктура произведена во САД.

Вештачката интелигенција дополнително ја зголемува важноста на мрежата

Белата куќа ја поврзува новата мерка и со експлозивниот раст на дата-центрите и вештачката интелигенција. Според администрацијата, развојот на напредното производство, AI инфраструктурата и одбранбената индустрија значително ја зголемил зависноста на САД од стабилно и обилно снабдување со електрична енергија, а со тоа и потенцијалните последици од голем прекин на мрежата.

Ројтерс оценува дека одлуката е дел од пошироките напори на Вашингтон за ограничување на технолошките и инфраструктурните ризици поврзани со Кина. Самата извршна наредба, сепак, не ја именува Кина конкретно, туку го користи поширокиот термин „опфатени странски субјекти“.

Трамп и во својот прв претседателски мандат, во 2020 година, прогласи вонредна состојба поради ризиците од странска опрема за американската електромрежа. Новата наредба ја враќа темата во фокус во период кога побарувачката за електрична енергија во САД расте, особено поради изградбата на огромни дата-центри за вештачка интелигенција.

Поврзани вести

Back to top button