Студентскиот дом „Стив Наумов“ реконструиран и предаден во употреба

По две и пол години интензивна работа, студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда е целосно реконструиран и предаден во употреба. Денеска модернизираниот објект го посетија премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, евроамбасадорот Михалис Рокас, германската амбасадорка Петра Дрекслер и претставници на Германската развојна банка (KfW), се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука.
Реконструкцијата, изведена од австриската компанија „Штрабаг“ со поддршка од ЕУ и KfW, ги трансформираше старите и руинирани згради – градени во 1964 и во 90-тите години – во современи објекти со високо ниво на енергетска ефикасност. Расположливиот капацитет на домот е 1.150 места, а голем дел од студентите кои добија легла веќе се сместуваат пред утрешниот почеток на новата академска година.
„Од руинирани објекти кои години наназад беа симбол на негрижа, извор на загадување, денес имаме објекти трансформирани до непрепознатливост – модерни, со најсовремена опрема и технологии што ги задоволуваат највисоките европски стандарди“, истакна министерката Јаневска, упатувајќи апел до студентите одговорно да ги користат просториите бидејќи станува збор за јавно добро од кое ќе се ползуваат и идните генерации.
Министерката најави дека наскоро ќе биде отворен уште еден целосно реконструиран студентски дом – „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје, кој ќе обезбеди 280 места.
За овие два студентски дома се вложени 20 милиони евра. Оваа инвестиција е дел од пошироката програма вредна 86 милиони евра, која опфаќа реконструкција на вкупно девет државни студентски домови, шест училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден ученички дом. Финансиската конструкција за целиот проект е составена од 60 милиони евра заем од KfW под поволни услови, 22 милиони евра неповратни грантови од ЕУ и околу 4 милиони евра од буџетот на МОН.

