
Собранието не ја прифати интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од Левица, откако по завршениот претрес 77 пратеници гласаа, од кои 58 беа против, а 19 за.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, сумирајќи ја интерпелацијата оцени дека „Република Северна Македонија е небезбедна држава поради нејзиното Министерство за внатрешни работи“ и дека „апаратот за обезбедување на граѓаните не функционира како што треба“.
– Вистината е дека општата ситуација во Македонија не е таму каде што треба да е. Македонија е небезбедна држава поради нејзиното Министерство за внатрешни работи кое не прави структурални промени да ја обезбеди таа безбедност. Македонија е држава во која нормални активности може да имаат поголеми последици затоа што апаратот за обезбедување на граѓаните не функционира како што треба, бидејќи се гледа како апарат за полнење на политички кадри – рече тој.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во реплика истакна дека ќе даде се од себе да ги подобрува работите.
– Ќе дадам сѐ од себе додека сум на оваа позиција во секој сегмент барем една работа да е поодобра, македонските граѓани го гледаат тоа и го знаат. Нема никогаш да лажам и ќе се трудам да дадам максимум од себе си, дали тоа ќе биде доволно ќе каже времето – порача министерот.
Во текот на расправата, опозицијата тврдеше дека има „скандали, пропусти и нула одговорност“ и побара оставка, додека Тошковски и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со „конкретни резултати, зголемена ефикасност и сузбиени криминални групи“, оценувајќи дека не треба да се бара смена за министер кој „се труди и има резултати“.
Пратениците од опозицијата кажаа дека за време на мандатот на Тошковски се случиле бројни скандали и безбедносни пропусти, а институциите, како што посочија, не утврдиле одговорност. Побараа министерот да си даде неотповиклива оставка од функција. Од пратеничката група на СДСМ најавија дека ќе ја поддржат интерпелацијата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, прашаа дали треба да се бара смена за оние функциониери кои работат, оние кои се посветени и дали треба да се напаѓа оној кој се труди да работи и што има резултати што е отчетен пред јавноста.
Пратеникот на СДСМ, Миле Талески истакна дека по, како што рече, сите скандали, безбедносни пропусти и трагедии во изминатите две години, Тошковски одамна требало да поднесе оставка.
-Да имаше право и правна држава, да имаше Закон кој што важи за ВМРО, Панче Тошковски одамна ќе беше сменет. А да имаше морал, Панче Тошковски денес не требаше да биде предмет на интерпелација. Се сеќавате ли на големите зборови на Панче Тошковски? ‘Брат да ми е, ќе одговара.’ Еве поминаа две години. Кој одговараше? Никој. Никој не одговара, рече Талески.
Според него и шест месеци по случајот со пет тони дрога кои поминаа преку граница, нема одговорност, ниту разрешувања.
-Интерпелацијата не е само за еден министер, туку за состојбите во целиот безбедносен систем – рече Талески.
Министерот Тошковски во реплика на Талески, нагласи дека во 2025 година – 400 милиони евра е вредноста на кривичните пријави против кои МВР поднело кривична пријава од аспект на заштита на буџетот на Македонија и на македонските граѓаните во однос на 2023 година кога вредноста била 6 милиони евра.
-Одговорност за 5 тони дрога од Македонија треба да барате во друго министерство, а не од оваа. Министерството за внатрешни работи на нашиот сосед Србија го контролира влезот во Србија. Тоа е согласно договорот. Проверките ги прави српската царина, согласно договорот. Вие сметате дека ако 100 пати кажете „како ви излегоа, како ви излегоа“ дека ќе го излажете македонскиот народ? Ама не е така. Прифатете го тоа како факт. Бидејќи вие зборувате со манипулации, измислици, невистини за дефокус на јавноста, јас ќе зборувам со факти. Во 2023 година поднесени се од страна на истово Министерство кое тогаш беше раководено од ваш кадар, 126 кривични пријави поврзани со корупција. Во 2025 година – 290. Во 2023 година – 185 сторители, во 2025 година – 678 се опфатени за кривични дела поврзани со корупција. Правите математичка разлика од една до друга бројка. И најбитно од се, во 2023 година, она коешто вашиот репрезент кога го водел МВР и поднел кривични пријави во вкупна вредност за заштита на буџет на држава и на граѓаните во износ од 6 милиони евра. Во 2025 година – 400 милиони евра е вредноста на кривичните пријави кои ги поднело МВР од аспект на заштита на буџетот на Македонија и на македонските граѓаните. Правите разлика меѓу 400 милиони и 6 милиони евра? Дали има разлика?- рече Тошковски.
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска оцени дека Македонија е далеку од држава во која владее ред, правда и одговорност.
-Имаме министер за внатрешни работи, со кој МВР стана симбол на скандали, безредие и партиска послушност. И на толку скандали, на толку пропусти во казнивоста, пропусти во заштитата на граѓаните, на жртвите кои бараат помош, насилства, убиства, трагедии – секој функционер со минимум доблест, досега ќе понесеше одговорност и немаше да биде на функцијата. Што видовме од министерот Тошковски – нула одговорност, прес-конференции со празни фрази од типот „ќе постапиме“, и ништо од постапувањето. Во последните две години, живееме во држава во која насилството стана секојдневие – во училиштата, во домовите, на улиците. Сведоци бевме на случаи на насилство врз жени, кои поради задоцнети реакции од МВР, завршија фатално, со убиства и самоубиства, рече Тренчевска.
Според Деловникот на Собранието, Интерпелацијата се спроведува по јасно утврдена процедура на поднесување и гласање. Расправата за интерпелација се одвива на пленарна седница, трае еден работен ден и мора да заврши најдоцна до 24 часот истиот ден, кога се врши и гласање.
