ССМ: Минималната кошница за октомври надмина 70.000 денари, храната поскапа од минималецот
Според податоците на ССМ за октомври 2026, синдикалната кошница изнесува 70.358 денари, а само за храна се потребни 26.170 денари – сума повисока од минималната плата.
Синдикалната минимална кошница за октомври 2026 година достигна 70.358 денари, што претставува зголемување за 926 денари во однос на претходниот месец, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Податоците покажуваат алармантна состојба бидејќи само за задоволување на основните потреби за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни 26.170 денари, сума која за 124 денари ја надминува актуелната минимална плата од 26.046 денари.
Од ССМ реагираат на економската состојба, посочувајќи дека реалноста на работниците целосно ги демантира политичките уверувања за подобар животен стандард.
„Со други зборови, една минимална плата веќе не е доволна ниту за да се купи храната и пијалаците потребни за едно четиричлено семејство во текот на еден месец. А каде се сметките за струја, вода, греење, превоз, облека, лекови и сите останати неопходни трошоци?“, прашуваат од Синдикатот.
Споредбените податоци укажуваат на континуиран пад на куповната моќ од почетокот на годината. Во јануари 2026 година, синдикалната кошница изнесувала 66.413 денари, што значи дека до октомври месечните трошоци за живот пораснале за речиси 4.000 денари (точно 3.945 денари). Синдикалците пресметале дека дури и во семејство со двајца вработени, од кои едниот зема просечна, а другиот минимална плата, речиси целиот буџет се троши само на основните месечни потреби.
„Платата мора да обезбеди достоинствен живот, а не само преживување од први до први во месецот. Работниците не смеат да бидат принудени секој месец да избираат кои сметки ќе ги платат, кои потреби ќе ги одложат и од што ќе се откажат за да го дочекаат следниот месец“, децидни се од ССМ, заклучувајќи дека товарот од зголемените трошоци директно паѓа исклучиво врз грбот на работниците и нивните семејства.


