ВЕСТИЕДНАКВИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

Општина Карпош и Црвениот крст ја воведуваат услугата „Итно копче“ за повозрасните граѓани

Општина Карпош, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, започна со спроведување на новата услуга „Итно копче“. Оваа услуга е наменета за жителите на општината на возраст над 65 години кои живеат сами или со брачен партнер со нарушена здравствена состојба.

Преку специјален аларм-уред, корисниците добиваат брз и лесен пристап до помош во секое време. Со само едно притискање на копчето, се воспоставува контакт со обучен оператор кој ја проценува ситуацијата и дава соодветни насоки.

„Доколку е потребно, се обезбедува и тим за прва помош во домот, како и транспорт до соодветна здравствена или друга институција. Поради ограничениот број на уреди, корисниците се избираат по принципот ‘прв дојден – прв услужен’“, информираат од Секторот за односи со јавноста на Општина Карпош.

Сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат условите од јавниот повик можат да се пријават на телефонскиот број 02/15330. Со воведувањето на услугата „Итно копче“, Општина Карпош продолжува со активностите за обезбедување поголема сигурност и грижа за своите повозрасни жители, се наведува во соопштението од Општина Карпош.

Back to top button