
Списанието за уметност „СУМ“ го издаде својот најнов двоброј (94–95 за 2026 година), кој е целосно посветен на животот и творештвото на еден од најзначајните македонски романсиери, академик Божин Павловски. Изданието, како што информираат од редакцијата, содржи избор од книжевната критика, нови читања на неговите дела и документарни сведоштва за неговата шестдецениска кариера.
Воведниот текст на изданието е насловен „Книжевната критика за романите на Божин Павловски“ од авторот Блаже Миневски. Во него се нагласува обемот на опусот на Павловски, кој зад себе има 25 романи објавени во повеќе од 200 изданија на македонски и преку 100 изданија на странски јазици. Текстот прави пресек на досегашните оцени од истакнати книжевни дејци како Гане Тодоровски, Георги Старделов, Матеја Матевски и Анте Поповски.
Двобројот посветува внимание и на најновиот, 25-ти роман на Павловски, „Јаблон и Сибила“, издаден годинава од МАНУ и „Матица македонска“, преку анализите на Иван Џепароски и Иван Антоновски. Дел од списанието се осврнува и на меѓународниот прием на неговото дело, со посебен прилог од Лилјана Угриновска за странската критика за „Вест Ауст“ – првиот македонски роман преведен на француски јазик.
Изборот на текстови вклучува и прилози од Димитар Солев, Петар Т. Бошковски, Веле Смилевски, Санде Стојчевски, Гоце Смилевски и Паскал Гилевски. Професорката Весна Мојсова-Чепишевска се осврнува на делото „Мемоари на задоцнетиот романтичар“ и улогата на Павловски како издавач и основач на „Мисла“. Портретот на академикот е надополнет со хронологија подготвена од Елена Чаварела и ретки фотографии од неговата архива.
Специјалното издание го приреди Иван Антоновски. Издавач е Центарот за културна иницијатива од Штип, а главен уредник на „СУМ“ е Трајче Кацаров. Списанието, кое излегува во својата 33-та година од постоењето, е печатено со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
