ВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛСТРЕНД

Суперхерои на мотори им донесоа играчки на болните деца во Буенос Аирес [ВИДЕО]

Стотици моторџии облечени како суперхерои, принцези и популарни ликови од „Дизни“ продефилираа низ улиците на Буенос Аирес за да им однесат играчки и радост на децата кои се лекуваат во педијатриската болница „Гарахан“, во рамките на одбележувањето на Денот на детето во Аргентина, објави Ројтерс.

Шарената колона мотоцикли со Спајдермен, Бетмен, принцези и други познати ликови помина низ аргентинската престолнина пред да пристигне пред болницата, каде што моторџиите ги поделија собраните подароци. Акцијата годинава го одбележа своето 20. издание.

Традиционалниот хуманитарен караван го организира мотоциклистичката група „Kawaclub“. Условот за учество бил секој моторџија да донесе нова, незавиткана играчка, додека од санитарни причини не се прифаќале плишени и играчки-оружје.

Еден од најемотивните моменти бил средбата на девојчето Емили, кое се лекува од рак, со моторџија облечен како Спајдермен. Нејзината мајка за аргентинскиот TN изјавила дека девојчето на секои 15 дена патува до болницата за продолжување на терапијата. По прегратката, Спајдермен ја поканил да седне на неговиот мотор и заедно се фотографирале.

„Гарахан“ е еден од најзначајните педијатриски центри во Аргентина и прима деца од различни делови на земјата. Организаторите најавиле дека дел од собраните подароци ќе стигнат и до други детски болници и здравствени центри во поширокото подрачје на Буенос Аирес.

Хуманитарниот караван се организира веќе две децении, со идеја мотоциклистичката заедница да се обедини околу помошта за децата кои празникот го минуваат во болнички услови. Фондацијата „Гарахан“ и во претходните години го поддржувала традиционалниот караван на „Kawaclub“ како дел од активностите за Денот на детето.

Д. Д.

Back to top button