ВЕСТИЕКОНОМИЈАПОЛИТИКА

СДСМ бара намалување на ДДВ-то за горивата на 5 отсто и преполовување на акцизата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија бара итно намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 5 отсто, како и намалување на акцизата за 50 проценти, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните по драстичниот скок на цените на нафтените деривати, информираат од партијата.

На денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на партијата, Наташа Поповиќ, истакна дека цените на горивата го достигнале плафонот, при што од вчера дизелот се продава за над 100 денари по литар. Според нејзините зборови, само за шест месеци цената на дизелот пораснала за 43 отсто, што значи дека еден резервоар од 50 литри сега ги чини граѓаните над 1.500 денари повеќе во споредба со пред половина година.

Поповиќ предупреди дека ударот не завршува на бензинските пумпи, бидејќи поскапото гориво повлекува поскап транспорт, повисоки производствени трошоци за земјоделците и нов скок на цените на храната. Таа нагласи дека половина од семејниот буџет на граѓаните веќе се троши на храна и пијалаци, додека синдикалната потрошувачка кошничка достигнува речиси 70.000 денари во услови кога платите стагнираат, а секој нов денар на основните намирници директно удира врз семејната трпеза.

Опозициската партија ја обвини Владата и премиерот Христијан Мицкоски дека не преземаат никакви заштитни мерки за граѓаните со најниски примања, потсетувајќи на изјавата на премиерот дека нема намера да го намали ДДВ-то за горивата. СДСМ апелира до власта да ги прифати нивните предложени даночни намалувања, посочувајќи дека тие чекори би имале директен ефект врз поевтинувањето на сите горива и следствено намалување на потрошувачката кошничка и вкупното ниво на цените во државата.

Back to top button