
Претставата „Слепци“ во продукција на НУ Турски театар – Скопје забележа огромен успех и освои дури четири награди на првото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Дирахиум“ (Dyrrachium) кој се одржа во Драч, Република Албанија.
Според одлуката на стручното жири, оваа претстава однесе победа во најважните категории. Прогласена е за најдобра претстава на фестивалот, а наградата за најдобар ансамбл исто така замина во рацете на екипата од Скопје. Дополнително, Ќендрим Ријани е награден за најдобар режисер, додека актерката Сузан Акбелге доби посебно признание од жирито за нејзината изведба.
Македонската публика ќе има можност повторно да го погледне ова наградувано дело веќе на 1 октомври, со почеток во 20 часот, на малата сцена во Театар Комедија. Специфичноста на претставата „Слепци“ е што се игра на четири јазици – македонски, турски, албански и англиски, а за публиката е обезбеден превод на македонски јазик.
