АРТВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Во Кочани прикажан документарниот филм „Руини“ посветен на Споменикот на слободата

Синоќа на Споменикот на слободата во Кочани се одржа проекција на документарниот филм „Руини“ во режија на Елена Чемерска, информираат од Општина Кочани. Филмот ја донесува емотивната приказна за истакнатиот уметник Глигор Чемерски, кој е автор на овој значаен споменик, како и за борбата на неговата ќерка едно вакво капитално дело да не биде заборавено и претворено во руина.

Од локалната самоуправа посочуваат дека филмското остварување особено допрело до присутните кочанчани, кои Споменикот на слободата го доживуваат како нераскинлив дел од нивниот град, нивното растење и сеќавања. Документарецот претставува израз на огромната љубов на авторката кон нејзиниот татко, опишувајќи го семејниот животен пат, но и макотрпната борба со институционалните бариери за обезбедување финансии за реставрација на споменикот. Преку филмот, публиката имала можност да дознае колку многу живот и уметност се крие во тие ѕидови.

Ова филмско дело воедно е и израз на благодарност кон сите граѓани на Кочани кои учествувале во целокупниот процес и за кои овој објект има длабоко лично значење. Настанот, како што истакнуваат од Општината, испрати недвосмислена порака до јавноста дека Споменикот на слободата не треба да се третира како руина од минатото, туку мора да се чува како место за идни спомени и непроценливо културно наследство.

Back to top button