
„Муцунски е фатен во лага, а кога нема резултати се заканува со апсења исто како Мицкоски“, изјави денеска секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на прес-конференција на партијата, обвинувајќи го министерот за надворешни работи дека се демантира самиот себе за наводните разговори „под радарот“ за деблокирање на евроинтегративниот процес.
Жерновски се повика на медиумски објави од 3 август, во кои биле пренесени изјави на Муцунски со наслови „Има разговори под радарот за деблокада на ЕУ интеграциите“, „Се водат разговори под радарот за деблокирање на европскиот пат“ и „Се водат разговори под радарот за деблокирање на Македонија“.
Според Жерновски, десет дена подоцна Муцунски ги негира ваквите наводи и ја обвинува СДСМ дека пласира невистини.
„Три наслови. Различни медиуми. Ист лик, ист лажго – Тимчо Муцунски. После 10 дена му текна да се демантира самиот себе и да каже дека СДСМ лажат. Не он“, рече Жерновски.
Тој оцени дека не станува збор за премолчување или демант, туку дека, како што рече, Муцунски „е фатен во лага“.
Жерновски ја обвини власта дека, наместо да одговори на критиките на опозицијата, се обидува да ги заплашува политичките противници и граѓаните со обвинувања за ширење паника и со закани за постапки.
„Тоа е позната шема која веќе ја видовме, но интересно е што сега Муцунски се јавува во оваа улога. Откако ја среди состојбата во Општина Аеродром, откако ја среди нашата дипломатија и состојбата во МНР, сега му дале задача да се занимава со домашната политика“, изјави Жерновски.
Во обраќањето тој ги спомена и претходните реакции на СДСМ за состојбата со водата во Гостивар, како и за западнонилската треска, обвинувајќи ги институциите дека доцнат со информациите за прашања од јавен интерес.
Жерновски тврдеше дека станува збор за продолжување на истата политичка реторика која, според него, претходно ја користел и премиерот Христијан Мицкоски кон опозицијата.
„Немаат аргументи, немаат резултати, немаат одговор на ниту едно прашање. Има само афери и има само лаги“, рече тој.
На крајот од прес-конференцијата, Жерновски порача дека СДСМ нема да биде заплашен од, како што ги нарече, заканите од власта.
„Дали некој во ВМРО смета дека нас во СДСМ ќе нè заплашат со вакви закани? Дали сметаат дека народот ќе го заплашат?“, праша Жерновски.
Тој додаде дека, според СДСМ, граѓаните сè помалку ѝ веруваат на власта и најави дека партијата ќе продолжи јавно да ги отвора прашањата за кои смета дека нема соодветни одговори од институциите.




