Патнички авион на компанијата „Флајдубаи“ (Flydubai), кој летал на релација Дубаи – Тел Авив, принудно е пренасочен кон Саудиска Арабија откако, според изјави на патници за израелските медиуми, еден од пилотите бил прободен со нож во пилотската кабина. Израелски официјални лица за локалните медиуми изјавиле дека е „спречена многу сериозна катастрофа“, пренесува Би-Би-Си.
Според податоците од веб-страницата за следење летови Flightradar24, авионот кој полетал рано во средата, два часа по почетокот на летот испратил шифра за општа вонредна состојба (7700). Набрзо потоа, сигналот бил променет во шифра за киднапирање (7500), за подоцна повторно да се врати на општа вонредна состојба. Податоците анализирани од „Би-Би-Си“ (BBC Verify) покажуваат дека авионот за помалку од две минути нагло изгубил височина од над 5.200 метри (17.000 стапки).
Компанијата која управува со аеродромот во Табук, Саудиска Арабија, каде што авионот извршил принудно слетување, соопшти дека и капетанот и првиот офицер се повредени и пренесени во болница, но не ја наведе причината за нивните повреди.
Сведоштва за крвава драма
Израелските медиуми, повикувајќи се на неименувани официјални лица, објавија дека инцидентот наводно настанал поради „тепачка“ меѓу пилотот и копилотот, при што едниот го нападнал другиот со нож. Мотивот сè уште не е официјално потврден, иако се шпекулира дека целта била киднапирање или уривање на авионот.
Јасмин Абукасис за новинските агенции пренесе сведоштво од нејзината ќерка која била во авионот. Таа слушнала врисоци, по што еден од пилотите повикал помош бидејќи авионот почнал да губи контрола. „Сите луѓе врескаа, мислеа дека ќе загинат“, изјавила Јасмин. Нејзината ќерка видела маж со нож како принудува еден од пилотите да легне на подот, при што имало „крв насекаде“.
Друга патничка за весникот „Израел Хајом“ потврдила дека еден од пилотите претрпел сериозни убодни рани. „Сфативме дека пилотите изгубиле контрола. Има луѓе тука со кошули прекриени со крв“, изјавила таа. Според дел од сведоштвата, екипажот побарал помош од патниците, кои помогнале да се совлада напаѓачот и да се врзе. На повредениот пилот му била укажана прва помош од стоматолог кој се наоѓал меѓу патниците.
„Резервни“ пилоти го спасиле летот?
За среќа, во задниот дел од авионот наводно се наоѓале двајца т.н. „резервни пилоти“ (relief pilots) кои требало да управуваат со следниот лет. Патникот Алмог Итали за медиумите изјави дека овие двајца пилоти, од кои едниот бил Британец, успеале да го стабилизираат авионот и безбедно да слетаат во Саудиска Арабија.
Авиокомпанијата „Флајдубаи“ (Flydubai) потврди дека летот FZ1073 „доживеал инцидент“, но нагласи дека сите патници се безбедни и згрижени. Се очекува друг авион од истата компанија да ги земе патниците од Табук и да ги пренесе на нивната крајна дестинација во Тел Авив. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ситуацијата е под контрола и се работи на враќање на израелските патници дома.
Ј. Ѓ.
