ВЕСТИПОЛИТИКАСКОПЈЕ

ДУИ со реакција до Град Скопје: Веднаш да се отстрани незаконскиот билборд и да се почитува двојазичноста

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение упати уште еден апел до Градот Скопје и градоначалникот веднаш да го отстранат билбордот за добредојде поставен на влезот во градот и истиот да го заменат со нов билборд, со кој целосно ќе се почитуваат сите законски обврски за употреба на албанскиот јазик.

Од опозициската партија обвинуваат дека и покрај бројните реакции на граѓаните, Град Скопје продолжува да ја игнорира двојазичноста и мултиетничкиот карактер на главниот град. Според ДУИ, исклучувањето на албанскиот јазик од официјален билборд претставува прекршување на законите и чин што предизвикува непотребни меѓуетнички тензии.

„Албанскиот јазик не е декорација, туку загарантирано право со закон“

Поради овие причини, од ДУИ најавија дека нема да дозволат спроведувањето на законот да зависи од поединечна политичка волја и соодветно ќе покренат соодветна правна постапка пред надлежните органи.

„ДУИ нема да дозволи почитувањето на албанскиот јазик да зависи од политичката волја на еден поединец. Поради тоа, ќе поведеме правна постапка пред надлежните институции за утврдување и санкционирање на ова прекршување. Сепак, уште еднаш го повикуваме градоначалникот на Скопје да постапи одговорно, да го почитува законот и да не создава поделби, омраза и меѓуетнички тензии во главниот град. Скопје им припаѓа на сите негови граѓани. Албанскиот јазик не е привилегија ниту декорација, туку право загарантирано со закон, и поради тоа спорниот билборд мора веднаш да биде отстранет“, се истакнува во соопштението на ДУИ.

Back to top button