ЛДП: Собрани 15.000 потписи за три дена, се бара итно воведување електронски алки за насилниците
Либерално-демократската партија (ЛДП) собра 15.000 потписи за три дена. Партијата бара итно изгласување на законот за електронски алки во Собранието
Либерално-демократската партија (ЛДП) информираше дека за помалку од три дена се собрани 15.000 граѓански потписи на петицијата за итно воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство.
Од партијата посочуваат дека оваа иницијатива веќе прераснала во широк општествен фронт кој испраќа јасна порака до институциите за потребата од системска заштита на жртвите. ЛДП го критикува парламентарното мнозинство за, како што велат, молчење пред барањето на граѓаните и криење зад процедури, потенцирајќи дека јавноста бара конкретна акција наместо изговори и политички калкулации.
„Секој нов потпис нè носи чекор поблиску до побезбедна земја во која насилниците ќе носат електронска нараквица, а жртвите ќе ја имаат заштитата што државата е должна да им ја обезбеди“, се наведува во партиското соопштение.
ЛДП децидно порачува дека нема да отстапи од барањето ова законско решение да биде изгласано во Собранието по итна скратена постапка. Воедно, партијата упати повик до сите граѓани кои сè уште не се потпишале да се приклучат на петицијата и да дадат поддршка за мерката која има за цел превенција и спасување животи.

