Македонија го одбележува 11 Октомври – Денот на народното востание и симболот на антифашистичката борба

Македонските граѓани и државните институции денеска го одбележуваат 11 Октомври – Денот на народното востание, датумот што го означи почетокот на антифашистичката и националноослободителната борба на македонскиот народ за време на Втората светска војна.
На овој ден во 1941 година во Прилеп, со нападот на Прилепскиот партизански одред врз бугарскиот полициски участок, затворот и телефонско-телеграфската мрежа, беше означен почетокот на организираниот вооружен отпор против фашистичките окупатори. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред, со што македонскиот народ јасно и недвосмислено застана на страната на антихитлеровската коалиција, вклучувајќи се во сеопштиот фронт на слободољубивите европски и светски народи.
Антифашистичката борба претставува темел врз кој беше возобновена и изградена современата македонска државност. Четиригодишната борба и масовните жртви на партизанските одреди и Народноослободителната војска кулминираа на 2 Август 1944 година со Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, каде што беа донесени историските одлуки за конституирање на македонската држава како рамноправна федерална единица.
Централните чествувања традиционално се одржуваат во Прилеп, Куманово и Скопје со положување свежо цвеќе на спомениците на паднатите борци, на Могилата на непобедените во Прилеп, на Спомен-костурницата во Куманово и пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во главниот град. Државниот врв, делегации од Собранието, Владата, Армијата, Сојузот на борците и дипломатскиот кор ќе им оддадат почит на борците кои ги положија своите животи за слободата и суверенитетот на Македонија.
