АРТВЕСТИ

Девет стихозбирки во трка за наградата „Антево перо“

Жири-комисијата за наградата „Антево перо“ избра девет поетски ракописи што продолжуваат во потесниот круг за годинашното признание, објавија од Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО. На конкурсот пристигнале рекордни 115 стихозбирки, од кои по разгледувањето на вториот состанок на жирито биле издвоени девет финалисти.

Во потесниот избор се „Недовршени песни“ на Ерол Туфан, „Домот ми е полн со небо“ на Белинда Сипкоска Гаштарова, „Анатомија на бршленот“ на Емељ Туна, „Патот до Огнена“ на Лидија Размоска Тримовска, „Чекркот“ на Јулијана Младеновска Тешија, „Дегустација на жената“ на Александар Русјаков, „Име во идно време“ на Милош Соколиќ, „Ајта“ на Маја Мојсова и „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“ на Даниела Андоновска Трајковска.

Жири-комисијата ја сочинуваат проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска како претседател и д-р Атина Цветаноска и Виолета Танчева Златева како членови. Организаторите нагласуваат дека редоследот на деветте номинирани дела е според времето на нивното пристигнување на електронската адреса на конкурсот.

„Антево перо“ се доделува како признание за необјавен поетски ракопис на македонски јазик. Наградата ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, во рамките на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Познати се и финалистите за наградата „Антев часовник“, наменета за откривање и афирмација на млади поети кои творат на македонски јазик. Во потесниот избор се Дарија Јовановска со „Протекување“, Бојан Димовски со „Гареж од метафори“, Васја Мицковски со „Патот дома“ и Марија Велинова со „Штрингла“.

Во следното соопштение жири-комисијата ќе ги објави добитниците на наградите „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“, кои традиционално се доделуваат во чест на македонскиот поет Анте Поповски.

Back to top button