Семос Едукација започна стратешка соработка со глобалната германска групација Гересхајмер, специјализирана за производство на медицински производи од стакло и пластика. Целта на ова партнерство е успешно воведување на вештачката интелигенција (AI) во деловните процеси на компанијата преку автоматизација, оптимизација на работењето и развој на дигиталните компетенции на вработените.
Како што посочуваат од компаниите, за сè поголем број бизниси прашањето повеќе не е дали ќе користат вештачка интелигенција, туку како да ја применат за да добијат мерливи резултати. Наместо AI да се третира само како нова технологија, организациите денес бараат конкретни решенија кои ќе им заштедат време, ќе ги поедностават процесите и ќе им овозможат на вработените да се фокусираат на активности со поголема додадена вредност.
Во рамките на соработката, Семос Едукација веќе спроведе анализа на процесите за да ги идентификува областите каде AI може да има најголемо влијание. Посебен фокус е ставен на секторите за човечки ресурси и финансии, каде новите технологии имаат потенцијал драстично да ја намалат административната работа, да ја подобрат организацијата и да обезбедат побрз пристап до клучните информации за носење одлуки. Покрај технолошката интеграција, Семос Едукација ќе подготви и насочени програми за обука, со цел вработените практично и ефикасно да ги применуваат новите алатки.
„Дигиталната трансформација е процес во кој континуирано инвестираме, а вештачката интелигенција ја гледаме како логичен следен чекор во неговиот развој. Нашата цел е да ги унапредиме процесите и да им обезбедиме на нашите тимови современи алатки што ќе им помогнат да работат поефикасно. Соработката со Семос Едукација ни овозможува овој процес да го градиме систематски, врз основа на реалните потреби на компанијата“, велат од Гересхајмер.
За Семос Едукација, ова партнерство е уште една потврда дека вештачката интелигенција одамна не е тема резервирана само за ИТ секторот, туку наоѓа широка практична примена во производството, финансиите и човечките ресурси, создавајќи услови за одржлив раст и поконкурентно работење на компаниите.
