
Српската писателка, визуелна уметница и графичка дизајнерка Христина Радовиќ Андриќ, која деновиве гостува во Скопје во рамките на Меѓународниот фестивал на прозата „ПРО-ЗА Балкан“, во интервју за „Трн“ говори за положбата на жената во општеството, за товарот на туѓите очекувања и за книжевноста како тивок облик на отпор.
Зборувајќи за нејзиниот роман каде главниот лик Нура Нух половина век поминува во сенка на другите, Андриќ посочува дека педесеттите години се клучен момент кога жената спонтано подвлекува црта и прави ресет на својот живот. Таа нагласува дека притисокот врз жената отсекогаш постоел, само го менувал обликот, па така денес наместо „што ќе кажат луѓето“, тука се социјалните мрежи и потребата постојано да се прикажуваат совршени животи и успешни кариери. Според писателката, најтешкиот исчекор е кога ќе престанеме да се оправдуваме и ќе сфатиме дека човекот кој никогаш никого не разочарал, многу внимателно живее туѓ живот.
Во однос на семејството, писателката го опишува како место каде човек може да биде целосно свој, но и целосно заробен во туѓите претстави, истакнувајќи дека не треба да се ослободуваме од семејството, туку од претставата дека сме должни засекогаш да ја играме истата улога. Осврнувајќи се на актуелните студентски протести во Србија, Андриќ вели дека во младите гледа енергија и драгоцена потреба да учествуваат во сопственото време, додавајќи дека општество без млади кои веруваат во промени е општество што само ги одржува сопствените болести. На прашањето дали книжевноста може да биде отпор во денешното време на бучава, таа заклучува дека токму нејзината бавност е субверзивна, бидејќи книгата е место без реклами кое не вика и не бара брзи одговори.
Целото интервју прочитајте го на Трн
