Ученици собраа над 90.000 шишиња на Скопскиот маратон, училиштата добиваат по 4 денари од секое шише

Ученици од 24 средни училишта собраа повеќе од 90.000 пластични шишиња од вода и сокови искористени за време на Скопскиот маратон, за чие рециклирање образовните установи ќе добијат парични средства, соопштуваат од Пакомак.
Пластичната амбалажа која по освежувањето на тркачите остануваше долж трасата беше собирана во специјални кеси, со што младите помогнаа за побрзо расчистување на улиците по трката и насочување на отпадот кон рециклирање. Како дополнителен поттик за нивниот ангажман, наградата за собраната амбалажа годинава е зголемена, па така за секое шише на училиштата ќе им се доделат 4 поени, односно 4 денари, наместо досегашните 0,5 поени. Собраните шишиња ќе се рециклираат преку ПВМ-апаратите во текот на денешниот и утрешниот ден.
„Големите настани како Скопскиот маратон се можност да покажеме дека отпадот не мора да заврши на улица или на депонија. Со вклучувањето на средношколците, сакаме да покажеме дека селекцијата и рециклирањето можат да бидат едноставен и практичен дел од секојдневието. Оваа година дополнително го зголемивме и бројот на поени за собраната амбалажа, како награда за нивниот труд и поттик за младите да продолжат со ваквите активности“, велат од компанијата.
Вклучувањето на средношколците во оваа акција ја надополни спортската манифестација покажувајќи дека еко-свеста се гради преку практични навики, личен придонес и конкретна грижа за почист град.
