Мицкоски: Скопје ќе добие нова комунална опрема и електрични автобуси од Владата

Владата продолжува со силна поддршка за развојот на главниот град, а Градот Скопје до Нова година ќе добие нова комунална опрема, меѓу кои камиони, цистерни и метларки за подобрување на хигиената, соопшти денеска преку објава на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски.
Како што информира Мицкоски по извршениот увид на градежните активности за изградба на клучката „Момин Поток“ во Скопје, тендерската постапка за комуналните возила е веќе завршена. Промоцијата на новата опрема се очекува до крајот на август, а покрај Скопје, опрема ќе им биде доделена и на повеќе други поголеми општини низ државата.
Интензивирање на капиталните проекти и инвестиции
Во својата објава, претседателот на Владата посочува дека паралелно тече и постапката за подобрување на јавниот превоз.
„Во тек е и постапката за набавка на нови електрични автобуси, кои ќе ги добие Градот Скопје, како и други општини. Активностите се интензивираат, проектите се реализираат, а Владата ќе продолжи силно да ги поддржува општините во спроведувањето на капиталните инвестиции и исполнувањето на ветените проекти“, соопштува премиерот Христијан Мицкоски.
