
Пратениците на СДСМ и коалицијата беа единствените кои во Собранието гласаа за предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра, додека пратениците на Левица, заедно со владејачкото мнозинство, воопшто не дадоа поддршка, изјави портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кузеска истакна дека токму на Светскиот ден на пристојна работа, пратениците на Левица не биле во салата, иако во својата политичка програма и во предизборните ветувања постојано тврдат дека нивен главен фокус се работничките права и унапредувањето на трудот. Таа посочи дека работниците не можат да ги плаќаат сметките со пароли и соопштенија, додавајќи дека партија која одбива да гласа за покачување на минималецот не може да се нарекува левичарска, туку претставува „партија на далечинско“.
Портпаролката на опозициската партија обвини дека Левица функционира како политички сателит чија цел е да ги ситни опозициските гласови и да делува во корист на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Таа исто така се осврна и на неодамнешните иницијативи од поранешни партиски функционери, нарекувајќи ги обид за внатрешно рушење на вистинската опозиција во координација со политички фактори кои имаат анти-НАТО и анти-ЕУ позиции.
Од СДСМ порачаа дека остануваат посветени на заштитата на работничкиот стандард и најавија дека и во иднина ќе продолжат да предлагаат законски решенија за раст на платите во парламентот.
