ВЕСТИПОЛИТИКА

ДУИ обвинува: Владата додели 90 отсто од грантовите за Охридскиот договор на српската заедница

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку писмена реакција ја обвини владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за „невиден скандал“, тврдејќи дека околу 90 проценти од грантовите наменети за спроведување на Охридскиот рамковен договор биле доделени на организации на српската заедница.

Според опозициската партија, Охридскиот договор денес се користи за финансирање на политичките и идеолошките приоритети на друга заедница, додека истовремено на Албанците им се укинуваат механизмите за застапеност, им се одзема јазикот од институциите и се отстрануваат од раководните позиции.

ДУИ смета дека ваквата распределба на средствата, каде што речиси цела програма завршува во една насока, е однапред умислена владина политика која ја оддалечува државата од нејзиниот мултиетнички карактер и евроатлантската ориентација. Од партијата го поврзуваат овој настан со, како што велат, сè поочигледното влијание на проектот „Српски свет“ во Северна Македонија.

Тие упатија и директни критики кон коалицијата ВЛЕН, нарекувајќи ја „најпослушен партнер“ избран од ВМРО-ДПМНЕ.

„Што добија Албанците од нивното претставување, кога дури и средствата од Охридскиот договор речиси целосно им се доделуваат на други? ВЛЕН повеќе не е само нем набљудувач на деградацијата на Албанците. Тој е активен дел од механизмот што ја спроведува“, порачуваат од ДУИ.

Од партијата инсистираат на итно објавување на целосната листа на корисници, износот доделен за секој проект, составот на комисијата за евалуација, доделените бодови и записникот од процесот на одлучување.

ДУИ заклучува дека овој случај мора институционално и политички да биде истражен и дека Охридскиот договор не смее да се претвори во инструмент за унапредување на туѓи агенди.

Back to top button