ВЕСТИПОЛИТИКА

Димитријевиќ: Мицкоски и Славески ги штитат парите на мафијата во „Алта банка“, а граѓаните не можат до своите заштеди

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција изнесе сериозни обвинувања на сметка на премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со скандалот околу „Алта банка“.

Димитријевиќ го прозва Славески за неговата вчерашна изјава дека не знаел чија сопственост е „Алта банка Белград“ ниту колкав е процентот на сопствеништво. „Како тогаш дал дозвола за влез на банката во Македонија? По налог на Мицкоски? Заради бизнис интересите и перењето пари со Вучиќ?“, праша генералниот секретар на СДСМ.

Според СДСМ, изјавите на Славески дека сè е во ред со банката доаѓаат во ист ден кога во Србија е објавено апсењето на нејзиниот сопственик Давор Мацура и информациите дека од трезорот се извадени 400 милиони евра во кеш. Од партијата обвинуваат дека експозитурите не работат и граѓаните со часови чекаат на банкоматите без можност да дојдат до своите пари, додека компаниите слободно вршат трансакции.

„Зошто гувернерот крие колку пари Вучиќ префрлил во Македонија? Дали останаа тука или продолжија понатаму кон Москва? Зошто се кријат податоците и дали Мицкоски и останатите членови на мафијата имаат свои сметки во Алта банка?“, порача Димитријевиќ.

СДСМ обвинува дека мерките на Народната банка се направени за да се заштити капиталот на криминалците и да им се овозможи непречено префрлање пари, на сметка на штедачите чии депозити се заробени. Партијата смета дека патувањето на Мицкоски во Германија е обид за бегство од одговорите, и упати директен повик до Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за случајот, предупредувајќи ги институциите дека ќе одговараат доколку продолжат, како што велат, да ја штитат „мафијата на власт“.

Back to top button