
Министерството за правда ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија (ЕК) за добивање мислење, како дел од процесот за реформа на казненото законодавство и негово усогласување со европските стандарди.
Новиот Кривичен законик, кој се подготвува по пауза од три децении, заедно со новиот Закон за кривичната постапка, имаат за цел да обезбедат поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, подобра заштита на жртвите и поголема правна сигурност. Според Министерството, суштината на реформата е создавање законска рамка која ќе овозможи ефикасни истраги и одговорност без исклучоци.
Подготовката на Кривичниот законик почна уште во 2019 година. Работната група, предводена од академик Владо Камбовски, во изминатите шест години спроведе широки консултации со правосудството, академската заедница и граѓанскиот сектор. Во текстот се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија.
Паралелно се работеше и на новиот Закон за кривичната постапка од страна на 25-члена експертска група предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ, која го финализираше текстот минатиот месец (октомври 2026). Овој предлог е усогласен со 25 европски директиви, а меѓу клучните решенија се унапредувањето на конфискацијата, финансиските истраги, прифаќањето електронски докази и можноста за одржување рочишта на далечина.
Значајна поддршка во подготовката на двата законски текста обезбедија меѓународните партнери, пред сè Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Со испраќањето на предлозите до ЕК, Министерството за правда продолжува со исполнување на обврските од Реформската агенда на државата.



