АРТВЕСТИИМПУЛССЦЕНАТРЕНД

НОВ ЖИВОТ ЗА „АМАНАМАН“: Горан Трајкоски-Готра со своја визија за култната песна на „Фолтин“!

Бендот „Фолтин“ ја објави третата епизода од својот најнов проект „Re:Composed“, во која нивната добро позната композиција „Аманаман“ добива сосема нов живот и димензија низ уметничката визија на македонската музичка легенда Горан Трајкоски – Готра. Оваа соработка претставува спој на два исклучителни и автентични музички света на домашната сцена.

„Има песни што не стареат, туку само наоѓаат нови гласови. ‘Аманаман’ доби нов живот низ визијата на Горан Трајкоски, автор чие творештво одамна го носиме со почит и љубов. Благодарни сме што оваа песна, барем за миг, стана дел од неговиот свет. Фала, Готра“, порачаа од „Фолтин“ на социјалните мрежи.

Секое понеделничко утро нова премиера – на крајот следува и винил

Овој сингл е дел од серијата дигитални објави со кои групата одбележува 30 години постоење (#foltin30). Проектот се реализира во специфичен формат – секое понеделничко утро, новите синглови од албумот „RE:COMPOSED“ имаат своја ексклузивна премиера на брановите на „Metropolis Radio Network“, поточно во емисијата „Маја за подварок и менопауза“ со Маја Казакова.

Истиот ден, песните веднаш стануваат достапни за слушање на сите дигитални стриминг платформи (DSP), а за нивната глобална дистрибуција е задолжен тимот на „Filter Label“. По комплетирањето на оваа дигитална серија, фановите и колекционерите ќе добијат посебно изненадување – албумот „Re:Composed“ ќе биде објавен и во физички формат на винил (грамофонска плоча), во соработка со „Password Production“.

За комплетното аудио-визуелно доживување на овој проект се погрижија уште две звучни имиња – уникатниот графички дизајн е дело на познатиот уметник Зоран Кардула, додека за ефектната анимација е задолжен Гоце Веселиновски. Новата верзија на „Аманаман“ веќе е достапна за слушање на Јутјуб и на сите музички сервиси.

 

Back to top button