ВЕСТИИМПУЛСКОСМОС
Во тренд

Историски момент: За прв пат Starship успешно беше фатен со механичките раце на лансирната кула (ВИДЕО)

За првпат во историјата, вселенското летало Starship успешно се врати од орбитата и беше фатено со механичките раце на лансирната кула во Тексас. Сепак, обидот за истовремено враќање на двата степена на ракетата не успеа.

SpaceX постигна историски успех со мисијата Starship Flight 15, откако леталото Шип 42 (Ship 42) успешно се врати од орбитата на Земјата и беше фатено од механичките раце на кулата Mechazilla во базата Starbase во Тексас.

Настанот се случи вечерва околу 22:20 часот по македонско време, и претставува прво успешно фаќање на вселенското летало Starship по неговото враќање од вселената. Досега SpaceX ја демонстрираше оваа технологија при враќањето на долниот степен Super Heavy, но ова беше првпат истата постапка да успее и со горниот степен.

Леталото успешно ја заврши својата мисија во орбитата, а потоа изведе контролирано враќање низ атмосферата и слета исправено меѓу механичките раце на кулата.

Шип 42 полета во петокот, 13 ноември, како дел од 15-тиот тест-лет на најмоќниот ракетен систем на SpaceX. По одвојувањето од долниот степен Super Heavy, леталото успешно ја продолжи мисијата и влезе во орбита околу Земјата.

Во текот на летот, кој траеше околу 22 часа, Starship направи 14 орбити околу планетата и распореди 26 сателити од новата генерација Starlink V3. Ова беше вторпат Starship успешно да стигне до орбита, но првпат да се обиде да се врати директно на лансирната локација и да биде фатен од кулата.

Пред враќањето, инженерите ги анализираа податоците за состојбата на топлинскиот штит, кој го штити леталото од екстремните температури при повторното влегување во атмосферата.

По завршувањето на орбиталниот дел од мисијата, Шип 42 ја започна процедурата за враќање. Леталото ја помина атмосферата, ја намали брзината, се постави во вертикална положба и со контролирано активирање на моторите се насочи кон кулата.

Таму го дочекаа двете масивни механички раце, познати како „стапчиња за јадење“ (chopsticks), кои го фатија леталото и го задржаа во воздух.

Ова е еден од најзначајните технолошки моменти во развојот на Starship, бидејќи демонстрира дека не само ракетниот забрзувач, туку и вселенското летало може да биде вратено и фатено директно на лансирната платформа.

Не успеа планираното двојно фаќање

Мисијата Flight 15 имаше уште поголема амбиција – SpaceX сакаше истовремено да ги врати и двата дела од ракетниот систем.

Но, обидот за фаќање на Super Heavy беше прекинат уште при неговото враќање. Системот за навигација и контрола утврдил дека забрзувачот не се наоѓа на соодветната позиција за безбедно фаќање и автоматски ја прекинал постапката.

Наместо да се врати на кулата, Super Heavy беше насочен кон планираната локација за спуштање во Мексиканскиот Залив, каде што беше активиран системот за самоуништување.

Портпаролот на SpaceX, Ден Хуот, објасни дека системот за навигација функционирал според очекувањата, но дека инженерите сè уште ја истражуваат причината поради која забрзувачот се нашол надвор од предвидената позиција.

Така, двојното фаќање не беше реализирано, но успешното враќање на Шип 42 претставува огромен чекор напред.

Starship стигна до орбитата, Booster 22 не успеа – сега сите очи се вперени во Ship 42

Зошто ова е толку важно?

Основната идеја зад Starship е создавање целосно повторно употреблив вселенски транспортен систем. За разлика од традиционалните ракети, чии степени најчесто се отфрлаат или се губат по летот, SpaceX сака да ги враќа двата дела на системот и повторно да ги користи.

Тоа би можело значително да ги намали трошоците за лансирање, да овозможи почести летови и да го промени начинот на кој се транспортираат луѓе и товар во вселената.

Успешното враќање на Шип 42 е особено важно и за програмата „Артемис“ на НАСА. Американската вселенска агенција го финансира развојот на Starship како дел од плановите за идните мисии со човечки екипаж кон Месечината.

Долгорочната амбиција на Илон Маск е Starship да стане основното транспортно средство за идните мисии кон Марс и за изградба на човечко присуство надвор од Земјата.

Мисијата Flight 15 не заврши со целосен успех на сите планирани операции, но за првпат покажа дека и горниот степен на Starship може да се врати од орбита и да биде фатен од лансирната кула.

Ј. Ѓ.

Поврзани вести

Back to top button